Столтенберг: НАТО ќе ја осигура стабилноста на Западен Балкан

од Stefanija Kuzmanovska
209 прегледи

НАТО ќе направи се што е потребно за да ги осигура мирот и стабилноста на Западен Балкан, бидејќи тоа е важно за цела Европа, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Бидете уверени, НАТО ќе стори сé што е потребно за да ја одржи или обезбеди стабилноста во регионот, бидејќи тоа е важно не само за Западен Балкан, туку и за цела Европа“, рече Столтенберг, пред почетокот на состанокот на странските министрите на земјите-членки на НАТО, кои меѓу другото ќе разговараат и за Западен Балкан на дводневниот состанок.

Столтенберг истакна дека во последните неколку недели, тензиите се зголемени на Западен Балкан, наведувајќи ја запаливата реторика во Босна и Херцеговина, сериозните насилни инциденти во северно Косово, вклучително и нападите врз војниците на НАТО, како и вооружениот напад од српската паравоена група во село Бањска во септември во која беа убиени тројца српски напаѓачи и еден косовски полицаец.

„Ова се сериозни инциденти и ние мора да останеме фокусирани на Западен Балкан додека, се разбира, се занимаваме со војната во Газа и истовремено продолжувајќи да даваме поддршка за Украина“, рече Столтенберг.

„Ќе работиме тесно со партнерите, со сојузниците во регионот за да обезбедиме и направиме се што е можно за да ги намалиме тензиите и да спречиме ескалација на конфликтот“, додаде тој.

На прашањето дали очекува значителен пробив на украинските сили во војната против Русија во догледна иднина, Столтенберг рече дека е внимателен во своите предвидувања во однос на развојот на настаните на бојното поле, бидејќи војната по својата природа е непредвидлива.

Тој повтори дека украинските сили успеале да вратат околу половина од нивната територија, која беше окупирана од Русија од почетокот на војната во февруари минатата година.

„Мораме да земеме предвид, иако линијата на фронтот не се движеше многу, дека Украинците успеаја да им нанесат големи загуби на руските сили со крстосувачки ракети испорачани од сојузниците на НАТО“, рече Столтенберг и нагласи дека е неопходно да се продолжи со поддршката за Украина.

„Колку Украина е посилна на бојното поле, толку посилна ќе има позицијата на преговарачката маса. Ако сакаме договорено мирно решение кое гарантира дека Украина ќе преовладува како суверена, независна нација, тогаш најдобриот начин да го постигнеме тоа е да продолжиме да обезбедуваме воена поддршка за Украина и тоа ќе го направат нашите сојузници“, рече Столтенберг.

Слични содржини