Столтенберг: Очекувам Шведска и Финска да влезат во НАТО следната година

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за ДПА изјави дека очекува Шведска и Финска официјално да се приклучат на НАТО во 2023 година.

Столтенберг не можеше точно да каже кога тоа ќе се случи. Сепак, тој посочи дека е „апсолутно убеден дека процесот на ратификација ќе биде завршен навреме“.

Тој јасно стави до знаење дека не очекува Турција долго време да го блокира процесот на приклучување на Финска и Шведска во НАТО.

Најисточната членка на одбранбената алијанса се уште ги нема ратификувано т.н протоколи за пристапување за да се отвори патот на Финска и Шведска за влез во НАТО.

Турското раководство ја оправдува својата позиција со наводната поддршка на двете земји на „терористичките организации“, мислејќи на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК). Сепак, според некои шпекулации, улога во турската блокада играат и одлуките на одделни земји на НАТО кои ја прекинаа продажбата на оружје на Анкара.

На пример, САД ја исклучија Турција од нејзината програма за производство на борбени авиони Ф-35, откако владата во Анкара купи противракетни системи С-400 од Русија, и покрај противењето на партнерите во НАТО поради безбедносни причини.

Слични содржини