Стотици илјади луѓе, од кои некои носеа „калашникови“, се собраа на големи демонстрации во Сана, главниот град на Јемен, кој е под контрола на бунтовниците, по нападите на САД и Велика Британија.
Еден милион луѓе учествуваа на демонстрациите во Сана, се вели во соопштението на организаторите.
Дописниците на АФП јавија дека други протести се одржани во градовите Ходеида и Иб, кои исто така се под контрола на бунтовниците.
„Смрт за Америка, смрт за Израел“ се слушна од морето од луѓе кое носеше јеменски и палестински знамиња на огромниот плоштад во историскиот центар на градот.
Бунтовничката група Хути, поддржана од Иран, ја зазеде Сана во 2014 година и оттогаш е во војна со коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Позициите на оваа група синоќа беа мета на САД и Велика Британија поради напади на бунтовниците врз бродови во Црвеното Море.
„Ако Америка и нејзините сојузници решат да ни објават отворена војна, ние сме подготвени за тоа и нема да имаме друг избор освен да победиме или да паднеме како маченици“, рече Абдел Азим Али, еден од демонстрантите.
Друг демонстрант, Мохамед Хусеин, додаде: „Го чекаме денот кога ќе влеземе во војна со Америка“.
Според Хутите, во нападите на САД и Велика Британија загинале пет лица, а шест биле ранети.
Јеменските бунтовници велат дека гаѓаат само бродови поврзани со Израел, како одмазда за војната на земјата против Хамас во Појасот Газа.