Најмалку 32 лица загинаа, а 85 се повредени во страотниот судар на возови во Грција, кој се случи синоќа нешто пред полноќ во близина на градот Темпе кај Лариса. На првите снимки по страшната несреќа се гледаат грозоморните сцени од згмечените вагони и пожарот кој избувна по судирот на двата воза.
„Слушнавме голема експлозија, тоа беа 10 кошмарни секунди. Се превртувавме во вагонот додека не паднавме на страна… потоа настана паника, насекаде пукаа кабли, пожарот беше моментален, додека се превртувавме огнот не гореше нас, огнот беше и десно и лево“, изјави Стергиос Миненис, 28-годишен патник, сведок на катастрофалниот судар на возовите во кој загинаа најмалку 32, а повредени се најмалку 82 лица.
Околу 250 патници со автобуси се безбедно евакуирани во Солун. Еден патник за државната телевизија ЕРТ изјави дека успеал да излезе од вагонот откако со куфер го скршил прозорецот на возот.
„Во возот настана паника, луѓето врескаа“, изјави за ТВ СКАИ млад човек кој беше евакуиран од возот до блискиот мост.
Регионалниот гувернер на Тесалија Константинос Агорастос за ТВ СКАИ изјави дека првите четири вагони од патничкиот воз излетале од шините во несреќата, додека првите два вагона, кои се запалиле, се „речиси целосно уништени“.
„Возеа со голема брзина и едниот возач не знаеше дека доаѓа другиот“, изјави гувернерот.