Утринава пожарникарите-спасители од ТППЕ Струмица, припадници на републичките сили на тимот за брз одговор за пребарување и спасување при ДЗС, се вратија од спасувачката мисија во Турција.
Наведуваат дека сите тимови за пребарување и спасување од целиот свет веќе ги завршија или ги привршуваат своите акции.
-Срцата на сите тимови чукаа во едно и при најмала надеж за пронаоѓање на преживеани под урнатините. Да ја оставиме тагата зад нас и сите вие од денес да бидете херои на свој начин. Вклучете се во секоја можна хуманитарна и донаторска акција за пријателскиот и братски народ од Р.Турција, како што и тие не нарекуваа таму. Пред една недела Југоисточниот дел на Р.Турција беше погоден од катастрофален земјотрес со апокалиптични и епски размери. Преку 40 000 луѓе загинаа, уште неколку илјади сеуште се водат за исчезнати под рушевините, стотици илјади се повредени и уште толку останаа без своите домови.
Минатата недела бевме горди кога слушавме и гледавме како локалното население со почит се однесува кон нашиот тим и покажаа краен респект кон нашата земја. Направете и вие нашата земја, Р.С.Македонија засекогаш да има место во нивните срца. Помогнете им и нема да бидете заборавени. Никогаш не се откажуваме, соопштија од ТППЕ Струмица.
Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Турција и Сирија пред една недела надмина 37.000, а десетици илјади луѓе се повредени, соопштија тамошните власти.