„Ако погледнеме што постигна Русија во последните четири години зазеде околу 20 отсто од територијата на Украина, но преку воени дејствија реално околу два отсто. Во тој процес создаде околу еден милион загинати и ранети. Ја намали својата сфера на влијание. Земјите од Централна Азија и Јужен Кавказ се оддалечуваат од руската империја“, рече Стуб.
Стуб укажа и на состојбата на руската економија, наведувајќи дека инфлацијата на почетокот на годината укажува на можни 30 проценти на годишно ниво, каматните стапки се околу 16 проценти, растот е нула, а девизните резерви се сериозно исцрпени.
„Повеќе ме загрижува неспособноста на Русија да ја заврши оваа војна затоа што не може да си го дозволи тоа, отколку нејзината способност да ја добие. Тие продолжуваат понатаму“, рече финскиот претседател.
Тој нагласи дека ситуацијата мора да се согледува реално:
„НАТО сè уште ни не влезе директно во конфликтот, а за четири години Русија не успеа да напредува колку што се очекуваше. Оваа војна е целосен стратешки неуспех за Путин. Тој го прошири НАТО, ја направи Украина европска земја и ги зголеми одбранбените буџети во Европа. А ние тука, тресејќи се од страв, се прашуваме: ‘Можеме ли да се одбраниме?’ Мојот одговор е да, можеме“, порача Стуб.
Русија ја започна целосната инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, по директна наредба на Путин, по неколкумесечно трупање воени сили долж украинската граница. Со тоа започна најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна, со цел соборување на украинската власт и трајно ставање на земјата под руско влијание.
Војната досега однесе стотици илјади животи на војници и цивили, разори големи делови од Украина и предизвика милиони бегалци. Западните земји ѝ пружија на Украина воена, финансиска и политичка поддршка, додека последиците од конфликтот се почувствуваа и глобално преку енергетската криза, инфлацијата и јакнењето на НАТО, кој се прошири со влезот на Финска и Шведска, добивајќи ја најдолгата директна граница со Русија.