Учениците од основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ од скопска Кисела Вода добија наставник по физика. Откако минатата недела САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека група родители од осмо и деветто одделение доставиле претставка до Народниот правобранител оти од почетокот на учебната година немаат наставник по физика, а полагаат тестови, вработен е студент во четврта година.

„Проблемот е надминат, учиниците добија наставник. На огласот кој го распишавме се пријави само едно лице, кое е студент во четврта година. Според законот, може да се ангажира лице доколку е во завршна фаза на студиите и во одреден рок ги заврши“, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски.
Наставничката по физика уште летоска, по завршување на учебната година, го известила директорот на училиштето дека од септември ќе користи породилно боледување и дека треба да најдат заменски наставник. Но, наставник по физика училиштето до пред неколку дена немаше, па од почетокот на учебната година до сега, часовите на децата им ги држел наставник по информатика, кој само им ги читал лекциите./СДК