Студентски пленум: За сѐ што е гнило, студенти, граѓани, разбудете се! Ниеден фронт не е затворен!“

од Vladimir Zorba

Студентскиот пленум ја извојува својата прва битка против владините образовни политики. Владата и Министерството за образование беа приморани да признаат дека законoт што е менуван 16 пати од 2008 година ја губи својата комплементарност, спроведливост, суштина и создава правна несигурност, пишува во соопштението од Студентски пленум.

За првпат во историјата на Македонија, но и на регионот, велат од Студенски пленум, студенти и професори ќе учествуваат директно во процес на пишување закон за студенти и професори. Тврдат дека секое прашање за високото образование што кога и да тлеело ќе биде отворено.

„Поучени од претходни искуства и свесни за политичките околности, знаеме дека авторитетите со кои преговаравме знаат да бидат превртливи и празни. Затоа порачуваме: заборавете дека политиките за високо образование ќе се носат без нас. Ние ќе следиме будно. Одбиваме да бидеме изманипулирани. Не сакаме одолговлекувања. Не сакаме лажни ветувања. Не се плашиме повторно да излеземе на улиците. Македонскиот студент, и воопшто граѓанинот, треба да биде засегнат од политиката. Ќе повториме, политиката не им припаѓа на штабовите и на партиите, политиката е наша. Сакаме граѓанско општество. Сакаме отпор кон едноумието, кон тишината, кон пасивноста. Токму поради тоа сметаме дека сите преговори треба да бидат водени пред очите на јавноста. Окупацијата беше форма на притисок, но во исто време и пркос. Не сакаме да завлегуваме во бирократски лавиринти. Победата треба да биде недвосмислена и јавна, бидејќи јавни беа и личните напади и жигосувањето. Пленумци не забораваат. Пленумци не простуваат“, пишува во соопштението на Студенскиот пленум.

Пленумци се формираа делумно како реакција на нефункционалноста на студентските парламенти.

„За нас тие се соучесници во свесното уназадување на високото образование и немаат легитимитет да бараат да бидат вклучени како претставници на студентите во која било фаза од креирањето на новиот закон. Ние ќе се залагаме да го отвориме прашањето за студентското претставништво и допрва ќе се занимаваме со корумпираноста на парламентот, нетранспарентното трошење студентски пари како и нивната поврзаност со владејачките партии. И за крај, ова за што ние се бориме е нашето наследство за идните генерации студенти. Нашите генерации ќе останат генерациите што плаќале за студентските лидери да си седат удобно во претседателските фотелји, за во трошните соби во студентските домови студенти да мрзнат без греење и топла вода, плаќале за да немаат можност да истражуваат, да патуваат, плаќале за да си ја врамат на крај дипломата на ѕид, и да гледаат како секој ден се фрла под черга академијата, а јавниот дискурс е задушен од зборовите на необразованите. Она за што ние се бориме е за сето ова полека да почне да се менува. За сето ова, и за сѐ што е гнило, студенти, граѓани, разбудете се! Ниеден фронт не е затворен!“, порачуваат студентите.

Слични содржини