Според анализата на тинк тенк организацијата „Европски вредности“, ширењето на теории на заговор, насочени дезинформации, но и изразена поддршка од некои чешки политички претставници, се дел од системската дезинформациска кампања на Русија во Чешката Република.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, студијата која ја претставија авторите, аналитичарот Јакуб Јанда и репортерот на неделникот „Респект“, Ондреј Кундра открива дека Кремљ се обидува да ја поткопа довербата во демократските политики и институции, Европската унија и во НАТО.

– Како главни интереси на Руската Федерација, го идентификувавме зајакнувањето на позицијата на политички сојузници и употребата на овие „тројански коњи“ за јакнење на внатрешниот раскол во ЕУ и НАТО, го споменува Јанда едниот од трите приоритети на Русија.
Целта на Кремљ, според наодите од авторите на студијата, исто така, е поткопување на довербата на идеолошките противници, а долгорочни и излегување од ЕУ.
За главен политички сојузник на Русија, аналитичарите го истакнуваат претседателот Милош Земан.
– Претседател на една од земјите-членки на ЕУ за нив е вреден сојузник. Било која позиција манифестирана од руската страна, претседателот Земан подоцна ја брани, вели Јанда, кој е долгогодишен критичар на Земановиот позитивен став кон Русија.
Инаку Земан неодамна одби да одговори на обвинувањата на Јанда, со образложение дека не е негов партнер за дискусија поради порнографско видео кое тој го снимил во минатото.
Во студијата, се наведени и други примери на влијание, како на пример „користење на дезинформациска кампања, разни невладини организации и екстремистички сили, злоупотреба на рускојазичното малцинство или искористување на разни економски и политички интереси“.
Според Кундра, сериозни се и влијанијата на руските тајни служби.
– Ние не велиме дека секој Русин, кој живее во Чешка, е агент, но во секој случај, тука гледаме луѓе кои играат важна улога во промовирањето на одредени интереси, рече тој.
Кундра додаде дека во Чешка без сомнение делуваат и разузнавачки служби на други земји.
– Поентата е во тоа дека целите на руските тајни служби и на пример на тајните служби на САД се сосема различни.
Американската тајна служба не се обидува да ја ослабне чешката демократија, туку се обидува да се бори против тероризмот, заклучува новинарот. /МИА