Со зголемувањето на руското и кинеското влијание во последните неколку години, САД и западните земји се обидуваат да се консолидираат на Балканот. Македонија за нив претставува добар ученик и затоа се толку интензивно присутни, смета професорот на правен факултет Мишо Догмановиќ. Како што анализира, нивните посети се случуваат во моменти клучни за земјава – Вилијам Пери дојде по атентатот на Киро Глигоров, Доналд Рамсфелд дојде во 2004, кога требаше да се признае Македонија под уставното име, а Џејмс Матис доаѓа пред референдумот за Договорот од Преспа. Сепак, вели дека меѓународната заедница – Вашингтон, Брисел и Берлин – не била вклучена во договарањето со Грција и со Бугарија, како во претходните случаи.

-Тоа ме охрабрува бидејќи покажува дека и ние како општество и нашите соседи созреале и увиделе дека определени отворени прашања треба да се затворат и тоа е нивен национален интерес. Да не бидеме во заблуда дека на Грција и на Бугарија не им е во интерес да имаат добри односи со првиот сосед и тие прашања да бидат затворени, бидејќи колку што се тие односи подобри, тоа се рефлектира на цел дијапазон подрачја, изјави Догмановиќ и објаснува дека од политичките гарнитури во овие земји и нивната подготвеност за решавање на споровите, заедно со меѓународното влијание, секој дел од мозаикот дошол на своето место.
Тој смета дека зголемениот интерес на Русија и Кина за регионов е очигледен, а Вашингтон, Брисел и Берлин го доживуваат Балканот како свое природно историско подрачје.
-Јас не располагам со конкретни информации дека Русија на кој било начин се обидува да се вмеша во нашите внатрешни процеси. Можам да се повикам на изјавата на претседателот на Владата, кој го кажа истото и вчера. Но од друга страна, од Вашингтон во неколку наврати дојде пораката дека Русија се обидува да се вмеша во внатрешните работи на Македонија, поврзани со референдумот.
Целиот разговор погледнете го во видеото.