Студија: Кина допрва ја очекува „корона пекол“ – дали пандемијата е далеку од завршена?

од Stefanija Kuzmanovska
271 прегледи

Во моментот кога целиот свет речиси целосно заборави на пандемијата на коронавирус, експертите предупредуваат дека сепак можеби тоа не е крајот. Најголемата опасност, како и првиот пат, демне од Кина, каде според проценките до крајот на следната година може да има и до милион смртни случаи.

Имено, неколку водечки научници и советници на Светската здравствена организација изјавија дека сметаат дека е рано да се прогласи глобален крај на вонредната ситуација од пандемијата на коронавирус поради потенцијално разорниот бран кој ќе дојде во Кина.

Проекциите сугерираат дека втората по големина економија во светот би можела да се соочи со повеќе од милион смртни случаи во 2023 година по остриот пресврт, поконкретно ублажувањето на мерките што дојде откако граѓаните се побунија против владините мерки и строгите правила за борба против ковид, пишува „Гардијан“.

Досега, пристапот на Кина на нулта ковид го одржуваше бројот на инфекции и смртни случаи релативно низок меѓу населението од 1,4 милијарди луѓе, но релаксирањето на правилата ја промени глобалната слика.

„Прашањето е дали можете да го наречете тоа постпандемија кога толку значаен дел од светот всушност само што влегува во својот втор бран“, рече холандскиот виролог Марион Купманс.

Уште во септември, шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, рече дека крајот на пандемијата е „на повидок“. Минатата недела тој се предомисли и рече дека „се надева“ дека ќе стави крај на вонредната состојба некаде во 2023 година.

Исто така, постои страв вирусот повторно да мутира и да почне да се шири низ планетата.

Во моментов, податоците од Кина споделени и со СЗО и со базата на податоци за вируси GISAID покажуваат дека варијантите што циркулираат таму се глобално доминантниот омикрон и неговите подваријанти, иако сликата е нецелосна поради недостаток на целосни податоци.

Што се случува во Кина?

Скоро три години, кинеската влада користи строги ограничувања, централизирани карантини, масовни тестирања и ригорозно следење на контакти за да го спречи ширењето на вирусот. Таа скапа стратегија беше напуштена по експлозијата на протести низ целата земја против строгите ограничувања што ги потресоа бизнисите и секојдневниот живот на кинеските граѓани.

Но, експертите предупредија дека земјата е лошо подготвена за таков драстичен излез, бидејќи не успеа да ги зголеми стапките на вакцинација за постарите лица, да го зголеми капацитетот на болничката интензивна нега и да складира антивирусни лекови.

Според сегашните услови, повторното отворање на национално ниво може да доведе до 684 смртни случаи на милион луѓе, според проекциите на тројца професори од Универзитетот во Хонг Конг, објави Си-Ен-Ен.

Со оглед на населението на Кина од 1,4 милијарди луѓе, тоа би изнесувало 964.400 смртни случаи.

Напливот на инфекции „веројатно ќе преоптовари многу локални здравствени системи низ целата земја“, се вели во истражувачкиот труд, објавен минатата недела на серверот за „Медркив“ и кој допрва треба да биде подложен на рецензија.

Укинувањето на провинциските ограничувања ќе доведе до 1,5 до 2,5 пати поголема потреба од зголемување на капацитетот на болниците, се вели во студијата.

Сепак, ова најлошо сценарио би можело да се избегне доколку Кина брзо воведе подобрени вакцини и антивирусни лекови.

Според студијата, со покриеност со вакцинација со четврта доза од 85 проценти и со антивирусна покриеност од 60 проценти, бројот на смртни случаи може да се намали од 26 до 35 проценти.

Слични содржини