Агустина Косачов, една од обвинетите во судскиот процес за смртта на фудбалската легенда Диего Армандо Марадона, остро ги демантираше тврдењата дека имала интимна врска со него. Реакцијата доаѓа по објавата на шокантни пораки на WhatsApp од страна на Вероника Оједа, поранешна партнерка на Марадона и мајка на неговиот 12-годишен син. Оједа објави дел од преписката меѓу психијатарот Косачов и психологот Карлос Дијаз, исто така обвинет во случајот.
Во една од контроверзните пораки, Дијаз ѝ пишува на Косачов: „Г** го зедовте дебелиот, кучко“, на што таа одговара: „Хахаха. Па, терапијата е терапија, секој си има своја техника“
Иако овие пораки се дел од официјалното судско досие, Косачов првично изјави дека биле иронични и дека никогаш не постоела интимна релација со Марадона. Под притисок на медиумското внимание, таа се огласи со жестока објава на „Инстаграм“.
„Никогаш не сум имала, ниту пак би имала каква било врска со пациент освен професионална. Ова важи и за господинот Марадона, како и за секој друг пациент кого длабоко го почитувам. Пораките кои кружат се извадени од контекст и беа дел од приватен и очигледно саркастичен разговор со колега“, напиша Косачов.
Таа додаде дека пораките датираат од ноември 2020 година, непосредно пред смртта на Марадона, во период кога, според неа, била под огромен притисок и мета на лажно медиумско известување дека е „новата жена во неговиот живот“.
Судењето, кое започна на 11 март и се очекува да трае до летото, е едно од највнимателно следените случаи во Аргентина. Вкупно осум лица се обвинети за можна умислена ликвидација, меѓу кои и личниот лекар на Марадона, Леополдо Лук, психијатарот Косачов, психологот Дијаз, како и неколку други здравствени работници. Доколку бидат прогласени за виновни, се соочуваат со затворски казни од 8 до 25 години.