Очекувана е иницијативата на Советот за утврдување факти со која му предлага на Судскиот совет да поведе дисциплинска постапка за разрешување поради несовесно и нестручно постапување на 8-мина судии. Станува збор за судии кои им овозможија бегство на Горан Грујевски и Никола Бошковски во случајот „Тврдина Таргет“, оценуваат дел од експертите. Судскиот совет ќе треба да одлучи во рок од 45 дена од денот на поднесување на барањето, пренесува Алсат-М.

„За овој предмет се очекуваше дека ќе се поднесе предмет на степеност на противправност и тежината на сторената повреда и последиците што се предизвикани од таквото постапување на првостепен, второстепен и третостепен суд“, вели Георги Настевски – адвокат во пензија.
„Оваа постапка на Советот е малце поодамна во однос на неговото укинување и се нашол во ситуација да постапува или да не постапува. Сметам дека Судскиот совет во остварување на својата функција во периодот пред неговото укинување не требал да молчи и да не презема свои активности“, вели поранешната судијка, Маргарита Цаца Николовска.
Грујевски и Бошковски успеаја да избегаат од мерка притвор токму поради одолговлекувањето на некои судии во нејзиното потврдување. Подоцна беа уапсени од грчката полиција во Солун. Инаку, Советот за утврдување на факти кој сега бара одговорност од судиите е пред згаснување. Неговите надлежности ќе преминат во Судскиот совет.