Судиите и Уставен во „клинч“ поради платите – најави и за тужби во Стразбур

од Nikola Popovski
92 прегледи

Здружението на судии ќе поднесе нова иницијатива до Уставен за платите на судиите. Оттаму обвинуваат дека Судот носел популистичка одлука и не повеле постапка, иако законските измени предвидувале ретроактивно дејство со што, според нив, се загрозува правниот поредок. Ваквата реакција на Здружението следува откако во мај, Уставен одлучи да не поведе постапка за намалувањето на коефициентите за пресметка на платите на судиите и на членовите на Судскиот совет за 13%.

Оттаму посочуваат дека како Здружение на судии се разочарани од Уставниот суд кој наместо да ја штити уставноста на законите, се занимава со популизам и носи одлуки кои се директно спротивни на Уставот, притоа создавајќи правна несигурност, со можни далекусежни последици по судскиот систем и правната држава.

Здружението на судии бара од Уставниот суд, како што велат оттаму, да постапува согласно неговите надлежности, а во спротивно, како што пишува во соопштението, Здружението ќе поведе постапка пред Европскиот суд за човекови права, „пред сѐ заради заштита на законитоста и правата и слободите на граѓаните“.

Од Уставниот суд велат ги поддржуваат размислувањата и дебатите во јавноста, а добредојдени се сите реакции кои содржат издржана правна квалификација. За нив се неприфатливи наводите дека се загрозува независноста и самостојноста на судството.

„Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Судот по предметната иницијатива одлучи, но дел од реакцијата на Здружението на судиите не соодветствува со уставната, правната и судската култура кои се од исклучително значење за враќањето на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот“, одговараат од Уставен.

Слични содржини