Судиите Начевски и Николов дел од наводен голем скандал со местење на натпревари!

од Nikola Popovski
233 прегледи

Светското првенство во ракомет е во тек, а скандал го тресе овој спорт. Се појави текст кој го објави данскиот „Тв2спорт“ и во него има индиции дека судии местеле одредени натпревари. Меѓу главните осомничени во овој извештај се хрватските арбитри Матија Губица и Борис Милошевиќ и македонските судии Ѓорги Начевски и Славе Николов.

Првичните обвинувања ги објавила компанијата „Спортрадар“ која се занимава со откривање на потенцијално сомнителни натпревари. Според текстот, Начевски и Николов суделе на два од овие 26 натпревари кои се под сомневање дека биле наместени. Обвинувањата се поголеми за Начевски за кои се истакнува дека бил поврзан со криминални организации и лица со историја на местење натпревари.

Хрватскиот тандем Губица/Милошевиќ се сомничи дека наместиле седум натпревари во најсилните европски лиги. Во текстот на данскиот портал се наведува дека тие имале пристап до тој документ.

„Извештајот е изготвен уште во 2018 година. Забележале вкупно 26 сомнителни натпревари одиграни во периодот од септември 2016 до ноември 2017 година, вклучително и репрезентативни натпревари. Постои сомневање дека судиите на тие натпревари суделе за сопствен интерес со цел да заработат лична добивка“, се вели во текстот.

Наводно ова го укажале обложувалниците.

„На овие 26 натпревари беа вклучени вкупно осум судиски тандеми. „Спортрадар“ беше контактиран од неколку големи обложувалници, бидејќи беа уплатени големи суми пари на нерешено на полувреме, крајот на натпреварот или помал број на голови. На оваа листа се и натпревари на познати клубови како Кил, Фленсбург, Киелце, Веспрем…“, пишуваат Данците.

Исто така, беше истакнато дека овој извештај не е доказ за местење натпревари, туку дека се користи како извештај кој треба да и помогне на Европската ракометна Федерација (ЕХФ) да започне истрага за овие случаи.

По ова се огласија и од ЕХФ, каде соопштија дека никој не е суспендиран, бидејќи австриската полиција почнала истрага за информациите на „Спортрадар“ уште во 2018-та година, а до овој момент не нашла никаков доказ за местење.

-Според нашите сознанија, досега полицијата не пронајде ништо, па шпекулациите продолжија. Судиите не се суспендирани бидејќи ниту полицијата, ниту ЕХФ нема повод за било каква санкција, стои меѓу другото во соопшението.