Конфедерацијата на фудбалската асоцијација на Северна, Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ) го санкционираше судијата Марко Ортиз затоа што побарал дрес од напаѓачот на Интер Мајами и осумкратен освојувач на „Златната топка“, Лионел Меси по натпревар, објави ЕСПН.
Интер Мајами го совлада Канзас Сити со 1-0 во првиот натпревар од првото коло во Лигата на шампионите во КОНКАКАФ ден претходно. По крајот на натпреварот главниот судија Ортиз му пришол на Меси и го побарал неговиот тим. Организацијата не открива какви дисциплински мерки биле преземени против судијата.
„КОНКАКАФ е свесен за инцидентот помеѓу судијата Марко Ортиз и Лионел Меси веднаш по последниот судиски свиреж на вчерашниот натпревар од Лигата на шампионите меѓу Канзас Сити и Интер Мајами. Истрагата на КОНКАКАФ откри дека судијата му пришол на играчот за да побара дрес за член на семејството. Однесувањето на судијата не е во согласност со кодексот на однесување на конфедерацијата за официјалните лица на натпреварот. Судијата ја призна грешката, се извини за инцидентот и ги прифати мерките на КОНКАКАФ“, соопштија од организацијата.
Лигата на шампионите во КОНКАКАФ ќе се одржи од 4 февруари до 1 јуни. Актуелен шампион е мексиканскиот клуб Пачука, кој нема да може да ја одбрани титулата бидејќи не се пласираше на турнирот. Победникот ќе учествува на Интерконтиненталниот куп во 2025 година и на Светското клупско првенство во 2029 година.