Судијата нареди ослободување од затвор на Челзи Менинг

од Aleksandar Petrovski
204 прегледи

Челзи Менинг, поранешна аналитичарка на американската разузнавачка служба, која соработуваше со Викиликс е ослободена од затвор.

Менинг беше приведена во притвор поради одбивањето да сведочи за време на истрагата за Викиликс. Од мај минатата година, таа е во затвор во Вирџинија.

Требаше да се појави на суд во петок, но судијата одлучи дека повеќе не треба да сведочи.
Менинг беше прогласена за виновна во 2013 година за шпионажа и откривање на воени тајни на Викиликс.

Исто така, беше и казнета со 250.000 долари за одбивање да учествува во истрагата. Нејзиниот тим на адвокати бараше казните да бидат повлечени, но судијата соопшти дека треба да бидат платени во целост.

Менинг (32) во текот на истрагата одби да одговори на прашања во врска со Викиликс, велејќи дека веќе сведочела за време на судењето во 2013 година.
Нејзиното ослободување од затвор во четвртокот дојде веднаш откако нејзиниот тим на адвокатите објави дека се обидела да си го одземе животот и се опоравува во болница.

Полицијата потврди дека „инцидент“ се случил во затворот во Вирџинија во средата попладне.

„Персоналот одговори веднаш и таа е добро сега“, се вели во официјалното соопштение.

Во 2010 година, Менинг откри на Викиликс стотици илјади тајни од американската војска во врска со војната во Авганистан.

Таа беше осудена на 35 години затвор, но тогашниот претседател Барак Обама ја промени одлуката за казната во 2017 година.

Американските обвинители веќе неколку години го испитуваат Викиликс.

Тие во моментов бараат екстрадиција на ко-основачот на Викиликс, Џулијан Асанж од Велика Британија, за неговата наводна улога во објавување доверливи воени и дипломатски документи.