Поранешниот американски претседател Доналд Трамп нема имунитет од кривични пријави за одлуките што ги донел додека бил во Белата куќа, пресуди судијката Тања Чаткан, отфрлајќи го барањето на Трамп за отфрлање на случајот.
Специјалниот обвинител Џек Смит го обвини поранешниот претседател дека незаконски се обидел да го поништи изборниот пораз во 2020 година.
„Без оглед на имунитетот што го има сегашниот претседател, САД имаат само еден врховен командант во одредено време, а претседателската функција не обезбедува доживотна пропусница за избегнување затвор“, напиша Чаткан во нејзината пресуда.
Со оглед на тоа што Трамп е првиот актуелен или поранешен претседател кој се соочува со кривични пријави, одлуката на судијката потврдува дека американски претседател може да биде обвинет за злосторства како и секој друг граѓанин.
Судијката го отфрли аргументот на Трамп дека обвиненијата го нарушуваат правото на слобода на говор загарантирано со Првиот амандман на американскиот Устав.
Трамп, кој се изјасни за невин, би можел да биде изведен пред суд во март следната година, но судењето најверојатно ќе биде одложено бидејќи поранешниот прв човек на САД има право на жалба.