Судијката Адеми нема да биде разрешена, Судскиот совет ја запре постапката

од Nikola Popovski

Со седум гласови „за“ и четири „против“, членовите на Судскиот совет ја запреа постапката по поднесено барање за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд, судијката Беса Адеми.

-Во моментов бидејќи одлуката е донесена, се надевам дека од денес па натаму, емоциите ќе бидат настрана во однос на соработката на Судскиот совет со Врховниот суд, без разлика кој е претседател и дека истата интензивно ќе продолжи. Од денес јас го преземам првиот чекор за продолжување на соработката. Мораме заеднички сите институционално да се бориме, рече претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

Претседателката Дамева претходно побара веднаш да продолжи седницата, но дел од членовите на Советот излегоа од салата, па беше принудена да даде пауза. Пред почетокот на разгледувањето на оваа точка од дневниот ред подносителот на барањето за разрешување Мустафа ја напушти седницата.

На седницата не присуствуваше ниту претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

Иницијативата на Мустафа се темелеше на две околности од кои едната е неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември минатата година, што според Мустафа, било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција.

Неприсуството на Адеми на седниците на Советот се совпаѓа со периодот во кој Дамева на незаконски начин, како што утврди Управниот суд, беше разрешена од функцијата, што предизвика бура од реакции во јавноста, а беше и повод Европската Унија да испрати Оценска мисија за да ги „прочешла“ состојбите во ова значајно тело и да излезе со препораки за подобрување на неговата работа.

Пред неколку дена, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп на средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети порачал дека Холандија е загрижена поради континуираниот „пад на владеењето на правото во Северна Македонија“. Покрај ова, холандскиот амбасадор истакнал и дека за Холандија е „неприфатливо политичкото влијание врз претседателот на Врховниот суд“.

Слични содржини