Судскиот совет ги оспори пред Уставен измените на Законот за платите на судиите

од Nikola Popovski

Поаѓајќи од својата уставна положба и законски надлежности, Судскиот совет на Република Северна Македонија како самостоен и независен орган на судството и како орган кој е должен да ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста  до Уставниот суд на Република Северна Македонија со која се оспоруваат одредбите од Законот за изменување на Законот за платите на судиите и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

-Судскиот совет на Република Северна Македонија и во наредниот период останува на заложбата за незавизна и самостојна судска власт и секогаш кога во ситуација ќе бидат нарушени овие постулати, ќе превзема дејствија  за заштита на истите, велат од Советот преку соопштение.

И Управниот одбор на Здружение на судиите смета дека е неприфатлив начинот на работа и одлучување на Собранието во врска со Законот за плати на судии и Законот за плати на членовите на судски совет во скратена постапка без соодветна јавна дебата и вклучување на засегнатите страни, за уште еден од низата закони кои се однесуваат на судската власт како независна и самостојна власт.

Управниот одбор на Здружението на судии изразува загриженост за ваквиот пристап и во ова време, и ги повикува предлагачите да го повлечат Предлогот на закон за изменување на Законот за платите на судиите и Предлогот на закон за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет, со што ќе се овозможи поширока дебата и соодветни консултации на националната и меѓународната регулатива, во која се востановени гаранции за постојаноста на платите на судиите, како легитимни и загарантирани очекувања.

Слични содржини