Судскиот совет го прифаќа предлогот да биде под оценска мисија на ЕУ

од Nikola Popovski

Судскиот совет ја поздравува и прифаќа идејата за оценска мисија од ЕУ за работата на ова тело. Преку соопштение посочија дека високо ги ценат напорите на ЕУ, но и личниот ангажман на амбасадорот во изнаоѓање на конкретни решенија, кои треба да доведат до тоа оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, но и уставната мисија која е во функција на штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите.

Во сооопштението, Судскиот совет се пожали и дека деновиве е изложен на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки.

„Членовите се свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбива да прифати дека работи нелегитимно и се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси. И покрај тоа што сите седници на Судскиот совет се јавни, остануваме разочарани што јавноста и граѓаните веќе подолг период остануваат покуси и неинформирани за голем број активности што ги спроведува во моментов Советот, а кои опфаќаат интензивна работа околу редовната оценка на судиите, избор на нови судии од редот на академците, како и на претседатели на судови, посети, извештаи, постапки за утврдување на одговорност на судии“, се вели во соопштението.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ вчера оцени дека оценската мисија е еден добар чекор и Владата ќе го прифати. Со него се согласува и премиерот Димитар Ковачевски, кој ја поддржа ваквата идеја.

„Не е првпат да има оценска мисија од страна на Европската Унија, имало во минатото. Ова е тема на која јас со евроамбасадорот Дејвид Гир имам разговарано пред една и пол година, со оглед дека нашиот судски систем е независен од Владата, е независен од било кого во светот“, рече Ковачевски на вчерашната заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Евроамбасадорот Дејвид Гир пред два дена појасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Европската Унија може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.

Слични содржини