Судскиот совет го усвои Акцискиот план за спроведување на препораките на ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska
207 прегледи

Судскиот совет денеска ја одржа 480-та седница на која го усвои Акцискиот план за спроведување на препораките на Европската унија упатени до Советот.

Европската унија има упатено вкупно 17 препораки до Судскиот совет, од кои пет се во насока на избори и именувања во Советот, една препорака во делот на дисциплинските постапки, девет во делот на транспарентноста и комуникацијата, како и две препораки во делот на ресурси и финансии.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева истакна дека целта и патоказот за понатамошното движење на Судскиот совет е во насока на зацврстување на угледот на Советот и затоа, како што рече, Акцискиот план бил работен многу интензивно откога веќе го имале извештајот на Оценската мисија.

„Ова е еден од основните елементи, што ќе значат патоказ понатаму како сакаме да се движиме и дали на некој начин Судскиот совет да го зацврстува угледот, не викам дека го нема, но да го зајакнува својот углед“, рече Дамева.

На денешната седница на Судскиот совет има девет точки на дневен ред. Меѓу нив се и утврдувањето на престанок на судиска функција поради исполнување услови за старосна пензија, избор на судии поротници на Основниот кривичен суд Скопје и Основниот суд Гевгелија, разгледување на извештаите за четвртото тримесечје за работата на судовите, разгледување на прашањето за начинот на постапување на Советот по донесувањето на Одлуката на Собранието за распишување на претседателски и парламентарни избори, а во врска со објавен оглас за избор на членови на Судскиот совет.

Слични содржини