Поранешниот министер за транспорт и врски и член на СДСМ, Горан Сугарески информира дека ќе гласа за кандидатурата на Венко Филипче за нов лидер на довчерашната владеачка партија.
-Со целосна почит кон моите партиски другари и другарки кои се кандидираа за претседател на СДСМ, на внатрепартиските избори закажани за 30 јуни, мојот глас ќе го дадам за д-р Венко Филипче, објави Сугарески, споделувајќи заедничка фотографија со поранешниот министер за здравство.
Вчера беше последен ден за поднесување кандидатури во СДСМ, а на веќе познатите имиња им се приклучи и доскорешниот заменик-министер Александар Бајдевски.
Екс-министерката за одбрана, пратеничката Славјанка Петровска најавува внатрепартиски дебати и СДСМ како силна опозициска партија.
Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој е исто така народен избраник ветува позитивни промени чии резултати брзо ќе станат видливи.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски нуди програма што обединува, а не фаворизира, како и Влада во сенка.
Доскорешниот потпретседател на партијата, сега пратеник Фатмир Битиќи, на социјалните мрежи објави дека нема да се кандидира, иако многумина тоа го очекувале. Најави дека останува во СДСМ и дека можеби ќе делува како фракција.
Претстојните избори ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 година кога екс-лидерот Зоран Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Ковачевски откако токму Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година.
Подготовките за изборите закажани за 30 јуни веќе започнаа.