Сугарески: После 2 и пол години од падот на Груевски, редно е да повлечеме линија

од desk4

После 2 и пол години од падот на режимот на Груевски, доаѓа ред да повлечеме линија. Да се погледнеме очи во очи со граѓаните, кои се единствените кои даваат или одземаат власт. Да зборуваме за тоа што сме ветиле и што сме исполниле. Да најавиме и нови проекти кои ќе ги реализираме овој мандат! Нашата држава е огромно градилиште. – пишува министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

-Нема општина каде не се гради. Министерството за транспорт и врски е мотор на инфраструктурните инвестиции. Билансот на крајот на 2019 ќе биде 100% државна магистрална гасификација (од ДПМНЕ затекнавме само дупки кои зјајеа празни), изградба на социјални згради – 100% реализација. Завршивме или во моментов реконструираме 44 патишта или вкупно 550 километри, инвестиција од преку 850 милиони евра што по вредност и обем е историски најголем потфат за модернизација на инфраструктурата (на ДПМНЕ му требаа 11 години за 650 км, Ние за само 2 години завршивме 550 км). За регионално поврзување со соседите и подобрување на економската моќ на државата ги интензивиравме работите за изградба на железницата кон Бугарија. Ја завршивме изградбата и на пругата од Битола до Кременица. Градиме водоводи и канализации што ќе им го решат цивилизацискиот проблем на 225 илјади жители. Тие што сега се обидуваат лажно да продаваат “обнова”, народните пари ги трошеа на жални врби, камен, бронза, нелегално прислушување и ги испумпуваа на оф-шор сметки. – наведува Сугарески.

Сугарески потенцира дека владата предводена од СДСМ за 2 ипол години, зголемува плати во јавна администрација, на доктори, сестри, негувателки, над 20%, минималната плата постојано расте (за време на ДПМНЕ беше 9 илјади денари), со обемот, вредноста и исплатата на субвенциите и помошта за земјоделците, тутунари, лозари се рушат рекорди, со Мој ДДВ прв пат враќаме пари назад кај граѓаните, расте социјалната помош, конечно го решивме проблемот на 12 илјади стечајци, со закон дефинираме финансиска помош за фирмите, ја вративме ефтината тарифа за струјата, укинавме радиодифузна такса…
Ја вративме слободата и демократијата, ја подигнавме транспарентноста на јавните институции, никогаш послободно не се критикувала власта….

Владата предводена од Заев и СДСМ за 2 ипол години ја врати државата на стратешкиот колосек, стануваме полноправна – 30 членка на најмоќниот воено политички сојуз и застануваме рамо до рамо со нашите стратешки сојузници во НАТО. Очекуваме датум за почеток на преговори со ЕУ за неколку дена. – пишува Сугарески.

-Најважно од се, не се отуѓивме од народот, не сме арогантни и самобендисани, стоиме цврсто на земја, свесни сме дека правиме и грешки, но во од се поправаме, имаме воља и енергија за нови поместувања напред, знаеме дека има уште многу проблеми за решавање, но конечно сме НА ПРАВ ПАТ! – заклучува министерот.

Слични содржини