Сугаревски за Прилеп, Весковски за Карпош…СДСМ објави нови кандидати за градоначалници

од Берта Китинска
412 прегледи

Владејачката партија веќе има утврдено кандидатури за 50 општини и за градот Скопје.

Не се утврдени кандидати за неколку општини во кои СДСМ има повеќе претенденти за градоначалничка кандидатура, покрај досегашните градоначалници кои се од редовите на партијата, како Куманово, скопски Центар, Крива Паланка… Не се утврдени кандидати ниту за Битола, Струмица и Кочани и за уште неколку скопски општини…

Партијата и Извршниот одбор се уште немаат одлука за Струмица. Во над 10 општини, меѓу кои и Струмица, водиме со 10%, според нашите истражувања, изјави генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, на прашање на „Локално“, дали актуелниот пратеник и портпарол на партијата, Костадин Костадинов е кандидат за градоначалник за Струмица.

Според него, партијата сака и во општините каде што не се објавени имињата на кандидатите, да ги максимизира резултатите, според бројот на гласови, па да ги одбере најдобрите кандидати.

-Тие се најлесни одлуки и затоа и таму внимателно ќе одиме. Победата на СДСМ во Струмица е сигурна, потенцира Николовски.

Тој нагласи дека немало жестока дебата на  состанок на извршниот одбор на партијата.

-Сите кандидати се избрани врз основа на гласањето на членството на анкетите и нашите внатрепартиски испитувања“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски за имињата на кандидатите на градоначалници на локалните избори.

Според објавеното, СДСМ на локалните избори ќе „трча“ во Прилеп со Горан Сугарески, во Свети Николе со актуелниот градоначалник Сашо Велковски, во Карпош со Душко Весковски, во Аеродром со пратеникот Александар Филиповски, во Тетово со Хемдије Елезовиќ, во Сопиште со Сашо Стојановски, во Чешиново-Облешево со Горан Крстев, во Велес со пратеникот Ненад Коциќ.

Вкупно се објавени 50 имиња на кандидати за градоначалници, плус Петре Шилегов како кандидат за градоначалник на Скопје.

Останатите 30 кандидати кои веќе официјално се познати, СДСМ ги објави на 13 јули, меѓу кои, повеќето се актуелни градоначалници.