„Супер вторник“: Обид на демократскиот центар да го запре Сандерс

од Aleksandar Petrovski

Еден од претендентите за претседателски кандидат на демократите Џо Бајден доби поддршка од три бивши ривали пред „супер вторник“, најважниот ден за номинација во оваа партија за претседателските избори во САД во ноември.

Имено вечерва демократите ќе гласаат во 14 држави. Фаворит е и натаму левичарски ориентираниот сенатор Берни Сандерс, кој истакнува дека естаблишментот сака да го запре, иако се намалува неговата предност во однос на поранешниот потпретседател на САД

Поддршка на поранешните ривали на Бајден

Сенаторката Ејми Клобучар, поранешен градоначалник на Саут Бенд во Индијана, Пит Бутиџиџ и поранешниот конгресмен Бето о Рурк веќе се приклучиле на поранешниот американски потпретседател во кампањата во Далас во Тексас.

Центриски ориентираните демократи ги повикаа челниците на партијата што побрзо да се обединат за да го спречат изборот на Сандерс, кој себеси се опишува како демократски социјалист, како противкандидат на претседателот на САД, републиканецот Доналд Трамп.

Бајден во понеделникот доби и поддршка од Сузан Рајс, советничка на поранешниот претседател на САД, Барак Обама за национална безбедност, некогашниот лидер на мнозинството во Сенатот Хари Рид и неколку членови на Конгресот.

Сандерс: Естаблишментот сака да ме запре

Во меѓувреме Сандерс во понеделникот во текот на кампањата во Минесота ги повика симпатизерите на своите ривали да му се приклучат.

„Им порачувам на сите следбеници на Ејми КЛобучар и Пит Бутиџиџ дека вратата е отворена, дојдете“, изјави Сандерс.

Неговите соработници истакнуваат дека големите донатори на Демократската партија сакаат да го запрат.

„Естаблишментот е нервозен не затоа што може да го победиме Трамп, туку затоа што тоа ќе го направиме“, порача Фаиз Шакир, менаџер на кампањата на Сандерс.

Сенаторот од Вермонт ветува искоренување на нееднаквоста предложувајќи програма вредна неколку илјади милијарди долари со кои ќе ги опфати сите од здравствената заштита до оданочувањето и образованието.
Сандерс го поддржува и долга група на листа познати личности меѓу кои славните актери Дени Девито, Џек НИколсон и Сузан Сарандон, моделот Емили Ратајковски, поп ѕвездите Карди Би, Аријана Гранде и Мајли Сајрус.

Пет кандидати во трката

Освен Бајден и Сандерс во трката останаа и сенаторката Елизабет Ворен, милијардерот и поранешен градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг и конгресменката Тулси Габард. Освен Габард сите останати кандидати имаат меѓу 70 и 80 години.

Блумберг кој дури во вторник се вклучува во трката исто така смета на гласовите на умерените демократи. Веќе потрошил повеќе од пола милијарда долари за својата кампања.

Бајден ја намали предноста во однос на Сандерс

Сандерс води со 60 делегати освоени во четири држави додека Бајден е на второто место со 54.
Според истражувањето на Морнинг Консалт, Сандерс води на национално ниво со 20 отсто поддршка, бајден е на второ место со 26, а милијардерот Блумберг на трето со 17 проценти.

Подршката на Бајден порасна за седум отсто по победата во Јужна Каролина, додека на Сандерс паднала за три проценти.

Триесет и три отсто од испитаниците сметаат дека Бајден има најмногу шанси да го победи Трамп, а 31 процент наведуваат дека Сандерс е најпогоден кандидат за таквата задача.

Во вторник се на располагање 1,344 делегати затоа што се гласа во големите држави како што се Калифорнија и Тексас. Избирачите ќе се изјаснуваат и во Вирџинија, Масачусетс, Тенеси, Алабама, Арканзас, Оклахома, Минесота, Вермонт, Колорадо, Јута, Северна Каролина, Мејн и американска Самоа.

За добивање на претседателската кандидатура на конвенцијата во јули потребна е поддршка од нешто повеќе од 1,991 делегат.

Слични содржини