Сушата во реките во Европа откри заборавени богатства, но и бомби

од Vladimir Zorba
312 прегледи

Големата суша низ Европа, која трае со недели, донесе невидено ниско ниво на водата во реките и езерата, откривајќи некои одамна потопени археолошки богатства, но и несакани опасности.

Втората по големина европска река, Дунав, достигна едно од најниските нивоа во последните сто години поради сушата, откривајќи ги во Србија урнатините на над 20 германски воени бродови потонати за време на Втората светска војна во близина на градот Праховo.

Многу од нив сè уште содржат тони муниција и експлозиви и претставуваат опасност за бродовите, според Ројтерс.

Бродовите беа меѓу стотиците потонати во 1944 година од Црноморската флота на нацистичка Германија долж Дунав додека се повлекуваше од напредувањето на советските сили и тие сè уште го попречуваат речниот сообраќај за време на слаб водостој и претставуваат опасност за животната средина.

Во Шпанија, која ја трпи најголемата суша во последните децении, археолозите се воодушевени од откривањето на праисториски круг од карпи наречен „Шпански Стоунхенџ“ кој обично е покриен со вода на вештачко езеро.

Познат како „Dolmen of Guadalperal“, тој е составен од 150 кружно наредени гранитни карпи и се верува дека е формиран во петтиот милениум пред нашата ера, наведува Ројтерс.

Моментално се целосно изложени, бидејќи водостојот на акумулацијата Валдеканас драстично е намален на само 28 отсто од нејзиниот капацитет.

Овој локалитет бил пронајден од германскиот археолог Хуго Обермаер во 1926 година, но бил потопен со изградбата на брана и полнењето на вештачко езеро во 1963 година за време на владеењето на диктаторот Франциско Франко, а оттогаш карпите се само делумно видливи само четири пати за време на екстремно интензивни сушни периоди.

Ниските нивоа на реките открија таканаречени „камења на гладта“ долж Рајна во Германија, застрашувачки предупредувања на предците за времиња на мизерија.

Тоа се карпите на коритото, кои се видливи само кога нивото на водата е исклучително ниско.

Тие се врежани со пораки оставени од луѓе од претходните епохи за катастрофи предизвикани од недостиг на вода, што обезбедува уникатен потсетник за тешкотиите со кои се соочиле за време на претходните суши, наведува британската агенција.

Годините видливи на камењата што се појавија во Вормс, јужно од Франкфурт и Рајндорф, во близина на Леверкузен, ги вклучуваат 1947, 1959, 2003 и 2018 година.

И во Италија, која прогласи вонредна состојба за областите околу реката По, на крајот на јули, нискиот водостој на најдолгата река во земјата откри претходно потопена бомба од 450 килограми од Втората светска војна.

Околу 3.000 луѓе кои живееле во близина на селото Борго Вирџилио, во близина на градот Мантуа, биле евакуирани кога воени експерти деактивирале и извршиле контролирана експлозија на американска експлозивна направа претходно овој месец, јавува Ројтерс.

Слични содржини