Сведочењето на Лиле Стефанова ја отвори дилемата – Се работи за „Рекет“ или „Поткуп“?

од Aleksandar Todeski
534 прегледи

Сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова, се отвори прашањето дали случајот „Рекет“ ќе добие друга насока при судењето. Во нејзиното сведочење, таа кажа дека на маса и било понуденоо писмо напишано од Наташа Савова, а во кое пишувало дека во пакет ќе се преземат мерки за негово ослободување, што ја отвори дилемата дали можеби наместо рекет, се работи за кривичното дело поткуп.

„Камчев искористи еден момент и ми извади еден лист хартија од џеб и рече читај за да се запознаеш со мене. Горе на листот стоеше лого на болницата Аџибадем Систина. Ми рече да не го читам кириличниот текст, туку текстот на латиница. Текстот беше напишан од Наташа Савова, а ми беше препорачано да разговарам со Сашо Мијалков за негово ослободување од оваа истрага. Камчев ми укажа дека многу луѓе се околу него и може да влијае на истрагата, а во текстот од Савова пишуваше дека за него во пакет ќе се предвидат многу мерки за кои ќе се погрижи таа“, сведочеше обвинителката Стефанова.

Пратеникот Хари Локвенец пак, на прес конференција рече дека вчерашното случување околу предметот во „Рекет“ се повеќе го одмотуваат клопчето на вистината.

„Случувањата се најдобар доказ дека се работи за индиции за кривично дело поткуп. Дека предметот Империја свесно се урнисувал преку давање поткуп на обвинители. Од друга страна, прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ и барањето да се разрешуваат судии уште еднаш потврдува дека оваа партија не сака да се расчисти случајот „Империја“ во која главен осомничен е тајкунот на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Камчев. ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во спрега со обвинети и осомничени лица прават се за да и наштетат на правната држава“, рече Локвенец.

На сведочењето на Стефанова реагираше и Наташа Савова, која во изјава за порталот Фактор изрази сомнеж дека Лиле Стефанова има некој негативен став кон неа уште поодамна. Стефанова беше обвинителка на случајот Надеж  кој беше поврзан со поранешниот претседател Бранко Црвенковски за тендерот за организирање на Самитот на претседателите од Југоисточна Европа, а кој беше отфрлен со 13 гласа против од страна на Советот на јавни обвинители.

„Дали е оваа истата обвинителка за која се поднесени кривични пријави за сомневања за барање поткуп во наведениов случај? Единствено што е сигурно, од денешното појавување на обвинителката е дека најверојатно поради, како што и самата денес изјавува – колегијалност помеѓу фелата треба да е среќна што седи на клупата на сведоци, а не на обвинети“, вели Савова.

На изјавата на Локвенец пак, со своја реакција се јави Орце Камчев, кој во изјава за Плусинфо го покани пратеникот кај него во канцеларија да ги слушне доказите кои тој ги има за „Рекет“

„Го повикувам господинот Локвенец да дојде, да ги погледне и да слушне само дел од доказите кои ги поседувам околу монтираниот случај „Империја“ од кој произлезе случајот „Рекет“. Така ќе се увери лично дали станува збор за рекет или поткуп, но и кој сè е замешан во случајот. Тоа би му било мудра одлука за него како пратеник од владејачката партија пред да држи вакви предизборни пресови со кои истовремено ме оцрнува и мене како бизнисмен и ѝ нанесува штета на сопствената партија. Може секој ден да ме побара во просториите на Орка Холдинг од 9 часот до 17 часот, или преку кабинетот на телефон 02-3099-600“, рече Камчев.

Слични содржини