Индустрискиот сектор во земјава од пред десетина години генерално ја намалува потрошувачката на енергија но, свеста за енергетската ефикасност е се уште ниска. Не е развиен ниту пазарот на услуги, а треба да се работи и на креирањето политики за поддршка на енергетската ефикасност, беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора.
Според новиот закон што се очекува да биде донесен наскоро, 250 компании ќе имаат обврска да воведат контрола врз својот производен процес од аспект на правилното трошење енергија. Ќе се обучат луѓе кои ќе ја контролираат потрошувачката, а кон тоа ќе се прилагоди менаџирањето на компанијата.
„Енергетската ефикасност не е на посакуваното ниво зашто и самата индустрија не е свесна за можностите и придобивките. Способноста на давателите на услуги, пак, е ограничена иако постои многу широк опсег на решенија кои може да се применат. Третиот предизвик се политиките за поддршка на енергетската ефикасност“, истакна Марко Матеини, експерт од УНИДО (Програмата за енергетска ефикасност на ОН).
Според Панче Атанасовски од Агенцијата за енергетика, се уште се мали инвестициите за енергетска ефикаснот.
„Нашата економија се соочува со страотна конуренција на европскиот пазар. Затоа треба внимателно да се прават вложувањата, да не згасне бизнисот. Не смеете да оптоварите некого да го згасне бизнисот. Иницијаланото тркало е токму приходот во индустријата“, рече Атанасовски.
Во земјава засега има 30 експерти за системи за управување со енергија и оптимизација на енергетски системи. Обучени се во рамки на проектот кој е дел од УНИДО и кој кај нас е активен од 2015 година. Со помош на проектот во 21 претпријатие се воведени системи за управување со енергија и се остварени заштеди од 58,1 гигават часови или 3,91 милион долари. Намалувањето, пак, на емисиите на стакленички гасови е скоро 50.000 тони.
На прес-конференцијата во Комората беше најавен промотивниот настан „Придобивки од спроведуањето енергетска ефиканост во индустриите во Република Северна Македонија“, што ќе се одржи на 21 ноември во Скопје.