Шесте земји од Западен Балкан очекуваат просечен раст на бруто домашниот производ (БДП) од 3,1 процент во 2026 година. Ова е малку повеќе во однос на оваа година, но сепак недоволно за да се задоволат потребите на граѓаните, се наведува во новиот извештај на Светска банка (СБ) објавен во вторник.
За 2025 година, растот на БДП во регионот се проценува на 3 проценти, што е за 0,2 проценти помалку од претходно предвиденото. Највисок раст се очекува во Косово (3,8 проценти) и Албанија (3,7 проценти), додека Србија и Босна и Херцеговина бележат пониски стапки на раст, околу 2,8 проценти и 2,6 проценти, соодветно.
Во однос на Македонија, се очекува реален раст на БДП од 3,1 отсто во 2025 година, од 3 проценти во 2026-та и од 3 отсто во 2027 година се проценките на Светска банка за земјава. Тоа претставува најнизок раст во споредба со другите земји од Западен Балкан во наредните две години.
Комбинираниот раст на Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово и Србија е три проценти во 2025 година, што е за 0,2 процентни поени пониско од претходните прогнози, со очекувано забрзување на 3,6 проценти до 2027 година.
Според најновиот извештај на Светска банка, објавен денес, за да се одржи напредокот кон приближувањето до Европската Унија, регионот мора да се фокусира на отворање на квалитетни работни места.
Директорот на СБ за Западен Балкан, Шаокинг Ју, ја нагласи потребата од промени во стратегиите за вработување, вклучително и зголемување на учеството на пазарот на трудот, подобрување на вештините и дигитална трансформација на компаниите.
За да се стимулира економскиот раст, исто така, се наведува дека Западен Балкан мора да инвестира во основна инфраструктура – образование, здравство, транспорт, екологија и енергија. Овие инвестиции ќе помогнат за подобра поврзаност и поголема продуктивност.