Светските цени на прехранбените производи значително паднаа во јули

од Vladimir Zorba
471 прегледи

Светските цени на прехранбените производи значително паднаа во јули, под влијание на падот на цените на житариците и растителното масло, објави денеска Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО).

Откако го достигна највисокото ниво во март по почетокот на руската инвазија на Украина, индикаторот за цените на храната на ФАО, кој ги следи промените на меѓународните цени на кошницата со основни производи, падна за 8,6 отсто во јули во однос на претходниот месец, што претставува четврти последователен пад на цената.

Сепак, цените се уште се на високо ниво и во јули беа на 140,9 поени на индексот на ФАО, што е зголемување од 13,1 отсто на годишна основа во однос на јуни 2021 година, наведува агенцијата.

Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро Кулен, го поздрави добредојдениот пад, особено во однос на пристапот до прехранбени производи. Сепак, тој предупреди дека бројните ризици продолжуваат да ја загрозуваат светската безбедност на храната, како што се рецесијата или зголемените цени на житарките и нивното потенцијално влијание врз производството и егзистенцијата на земјоделците, пренесе „Франс прес“.

Индикаторот на ФАО за растителни масла падна за 19,2 отсто во јули, на најниско ниво во последните 10 месеци, под влијание на падот на цените на сите масла и цените на суровата нафта.

Големото количество на расположливо палмово масло за извоз во Индонезија и добрата жетва на маслодајна репка придонесоа за пад на цените, заедно со намалената побарувачка за извоз на сончогледово масло, чиј главен производител е Украина, чија цена бележи пад.

Показателот на ФАО за житни култури падна за 11,5 отсто, како реакција на постигнатиот договор меѓу Украина и Русија за деблокирање на главните пристаништа во Црното Море.

Од потпишувањето на тој договор на 22 јули, првиот брод „Разони“ ја напушти Одеса во понеделникот по пет месеци целосна блокада во украинските пристаништа. Уште три брода со жито ја напуштија Украина денеска, рече Турција, која го надгледува извозот.

Индикаторот на ФАО, исто така, покажа дека цените на шеќерот паднале за 3,8 отсто, врз основа на падот на цените на етанолот што доведе до производство на повеќе шеќер во Бразил во јули од предвиденото. Изгледите за поволно производство во Индија, исто така, придонесоа за овој пад на цените на шеќерот и обезбедија противтежа на стравувањата за европското производство на шеќерна репка.

Слични содржини