СВР Скопје го расчисти случајот со малолетниците најдени во безсознание

од Илинка Илиоска
131 прегледи

Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје го разјасни кривичниот настан од 12 јули 2024 година, кога четири малолетници беа пронајдени во куќа во Скопје, од кои две во безсознание. Со возило на Итната медицинска помош, сите веднаш беа пренесени на Клиниката за токсикологија. Полицијата презеде низа оперативни мерки и дејствија за да ја расветли ситуацијата и утврди точната фактичка состојба.

Притоа, од страна на  увидна екипа од ЕУМНА во присуство на јавен обвинител и доктори од ИСМК беше извршен увид, при што се подигнати повеќе материјални траги кои се предадени за вештачење. Разговорите со малолетниците открија дека на 11 јули пристигнале на адресата, во куќа каде повремено престојувало едно од децата. Куќата е во сопственост на Д.Ѓ. (40), кој бил пријател на роднина на едно од малолетниците.

Во текот на вечерта, малолетниците консумирале големи количини алкохолни пијалоци. Во еден момент, Д.Ѓ. им понудил и овозможил консумирање на одредени медикаменти. Поради ова, малолетниците се довеле до полусвесна состојба и неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентарот во дневната соба и се здобиле со повреди.

Д.Ѓ. беше уапсен и потврди дека ги понудил медикаментите на малолетниците. Против него е поднесена кривична пријава за „тешки дела против здравјето на луѓето“ по член 217 став 1, и за „производство и пуштање во промет средства за лекување“ по член 212 став 1 од Кривичниот законик.

Д.Ѓ. (1984) е изведен пред судија на претходна постапка.

Слични содржини