Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека регистрирала 348 случаи на хепатитис од непознато потекло и ја поддржува хипотезата дека аденовирусот е причина за оваа мистериозна болест, која главно ги погодува децата и се поврзува со ковид.
Според СЗО, овие случаи на хепатитис од необјаснето потекло се идентификувани во 20 земји.
Уште 70 сомнителни случаи, идентификувани во 13 земји, ги чекаат резултатите од тестот.
Само шест земји имаат повеќе од пет случаи, додека 160 пациенти се пријавени само во Велика Британија.
Филипа Истербрук, од програмата на СЗО за сузбивање на хепатитис, на прес-конференцијата рече дека е постигнат значителен напредок во истражувањето.
Во моментов, главните хипотези за тоа што ја предизвикува оваа болест вклучуваат аденовирус, земајќи ја предвид важната улога на ковидот, како здружени инфекции или како прележана инфекција, рече Истербрук.
Аденовирусите обично се шират со капки и преку заразените површини. Познато е дека предизвикуваат респираторни симптоми, конјунктивитис и дигестивни проблеми.
Тестовите покажаа дека околу 18 отсто од пациентите со овој хепатитис од неодредено потекло биле позитивни на Ковид 19.
Истербрук рече дека следната недела фокусот ќе биде ставен на серолошки тестови за да се утврди дали пациентите биле претходно заразени со коронавирус.