СЗО апелира до властите во Либија: Не ги закопувајте жртвите во масовни гробници

од Nikola Popovski

Сè уште се видливи последиците од историските поплави во Либија. Најтешко е погоден градот Дерна, каде според Црвената полумесечина животот го загубиле најмалку 11.300 луѓе. Повеќе од 10.000 луѓе исчезнаа.

Поради големиот број тела низ градот постои опасност од бројни болести, особено колера.

Жителите и спасувачите во либискиот град Дерна извлекуваат тела однесени од водата од урнатините на разорните поплави, објави Ројтерс.

Светската здравствена организација и другите хуманитарни групи ги повикаа локалните власти да престанат да ги закопуваат жртвите од поплавите во масовни гробници бидејќи тоа може да предизвика долгорочни ментални здравствени последици за членовите на семејствата на жртвите, како и здравствени ризици доколку гробниците се во близина на вода.

Според извештајот на Обединетите нации, на овој начин биле закопани над 1.000 мртви, а Црвената полумесечина констатирала дека најмалку 11.300 луѓе ги загубиле животите, а повеќе од 10.000 се водат како исчезнати. Според податоците на Меѓународната организација за миграција, повеќе од 38.000 луѓе се раселени.

„Телата се натрупуваат по улиците, покрај брегот, закопани се во урнатините. За само два часа мојот колега изброи над 200 тела на плажата кај Дерна“, изјави Билал Сабиух од Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Министерот за здравство на Триполи, Ибрахим Ал-Араби, изјави за Ројтерс дека подземните води се измешале со вода во која има тела, мртви животни, канализација и хемиски материи.

„Ги повикуваме луѓето да не црпат вода од бунарите во Дерна“, рече Ал Араби.

Од болницата во Дерна наведуваат дека е формирана модуларна болница каде се лекуваат лица со хронични болести и стравуваат дека поради загадената вода ќе се шират заразни болести. Сепак, наведуваат дека колера досега не е забележана.

Страв од ширење на зараза

Граѓаните се плашат од епидемија, бидејќи голем број мртви тела се под урнатините.

Лекарите во локалните болници велат дека телата на загинатите се фотографираат пред погребот за да можат семејствата да ги идентификуваат.

СЗО апелира да се создадат индивидуални гробници кои ќе се евидентираат, бидејќи избрзаните масовни погребувања можат да доведат до бројни социјални и правни проблеми, како и да остават последици по менталното здравје на граѓаните.

Помош пристигнува од бројни земји, а на терен велат дека најпотребни се торбите за тело.

Слични содржини