СЗО: Блокирана испораката на медицинска опрема во Авганистан

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Повеќе од 500 тони медицинска опрема, која требаше да биде доставена во Авганистан оваа недела, беше блокирана поради ограничувањата на аеродромот во Кабул, објави денеска Светската здравствена организација.

Агенциите за хуманитарна помош велат дека е од клучно значење медицинската опрема и храна да достигнат до 300.000 луѓе во Авганистан, кои се раселени во последните два месеци поради напредокот на исламистичките талибански бунтовници, што кулминираше со заземањето на Кабул на 15 август, пренесува Ројтерс.

Речиси 18,5 милиони луѓе, половина од населението во земјата, се потпираат на помош, а се очекува хуманитарните потреби да се зголемат поради сушата.

„Додека очите на светот се вперени кон евакуацијата на луѓето и авионите што заминуваат, ние мора да набавиме материјали за да им помогнеме на оние што остануваат таму“, рече портпаролката на СЗО, Инас Хамам, во Женева.

Според неа, СЗО ги повикува празните авиони да се пренасочат кон магацин во Дубаи, со цел да соберат резерви на пат за да ги подигнат евакуираните од таа земја.

„СЗО, исто така, размислува за воспоставување хуманитарен воздушен мост за испраќање резерви“, рече Инас Хамам.

Слични содржини