Бројот на земји и територии во кои е регистриран видот на коронавирус од Велика Британија достигна 50, додека јужноафриканската варијанта е пронајдена во 20 земји, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Третата мутација на вирусот, која ја објави Јапонија во неделата, може да влијае на имунолошкиот одговор и треба дополнително да се изучува, додава СЗО.
„Колку повеќе се шири вирусот САРС-КоВ-2, толку се поголеми шансите за мутација“, соопшти СЗО, истакнувајќи дека „високото ниво на инфекција значи дека треба да се очекуваат повеќе варијанти“.
СЗО прецизира дека британската варијанта на коронавирус е пронајдена во 50 земји, територии и области и дека варијантата идентификувана во Јужна Африка 501Y.V2 е пронајдена во 20 земји, пренесува „Бета“.
„Иако се чини дека оваа нова варијанта не предизвикува потешка форма на болеста, ненадејното зголемување на бројот на случаи изврши притисок врз здравствениот систем“, соопшти СЗО.
Опсегот на географското ширење на двете варијанти е веројатно многу поголем, проценува СЗО.