Шефот на регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави во четвртокот дека канцеларијата „следи свој пат“ и рече дека бројот на случаи на коронавирус постојано расте во изминатите два месеци, и покрај фактот дека пандемијата се префрли во Северна и Јужна Америка.
На виртуелниот брифинг за медиуми, тој посочи дека иако европските земји направиле „феноменални напори“ за борба против вирусот претходно оваа година, сега имало околу 26.000 нови случаи на ден низ цела Европа, објави Фена.
Клуге рече дека нови јата на вирусот претежно се развиваат локално, како во домови за стари лица и болни, установи за производство на храна или дека вирусот се пренесува од туристи.
„Регионот сега е во подобра позиција да се бори против овие локализирани жаришта на вирусот и може да се справи со вирусот на поинаков начин сега, отколку кога за прв пат се појави“, рече тој.
Тој повика на повторно отворање на училиштата каде што е можно и рече дека СЗО за Европа ќе одржи виртуелен состанок на своите 53 земји-членки за да разговараат за безбедното повторно отворање на училиштата низ европскиот регион.