Околу 12.000 деца помали од 5 години во Газа страдаат од акутна неухранетост, а расте бројот на смртни случаи што се поврзуваат со гладот, порача денеска шефот на Светската здравствена организација (СЗО).
„Во јули, кај речиси 12.000 деца под петгодишна возраст беше дијагностицирана акутна неухранетост во Газа, што е најголем број регистриран за еден месец“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус, на прес-конференција во седиштето на организацијата во Женева.
Од почетокот на годинава до 29 јули најмалку 99 луѓе умреле од глад, од кои 64 возрасни и 35 деца, од кои 29 биле помали од 5 години.
Од почетокот на јуни до јули, бројката случаи на неухранетост речиси се удвоила, од 6.344 на 11.877, покажуваат најновите податоци на УНИЦЕФ.