СЗО: Европа има повеќе вакцинирани отколку заразени со корона

од Nikola Popovski
147 прегледи

Иако заканата од коронавирус сè уште е присутна во Европа, сега во оваа област има повеќе вакцинирани лица отколку заразени со коронавирус, објави Светската здравствена организација (СЗО).

„Поминаа 462 дена откако е пријавен првиот случај на инфекција со коронавирус. Оттогаш, вирусот е откриен кај 5,5 проценти од целото европско население, додека седум проценти се целосно вакцинирани. Сепак, иако бројот на заразени, хоспитализирани и починати се намалува, опасноста од инфекција е присутна“, изјави Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Како што понатаму рече Клуге, вирусот сè уште има потенцијал да предизвика катастрофални последици, но тој сепак донесе надеж со изјавата дека за првпат по два месеци, новите случаи на коронавирус значително се намалиле минатата недела. Сепак, додаде тој, стапката на инфекции во Европа е сè уште исклучително висока.

СЗО вклучува повеќе од 50 земји во европскиот регион, вклучувајќи ги Украина, Русија и Турција.

Досега се пријавени 51,3 милиони инфекции во тие земји, вклучително и речиси 1,37 милиони во последната недела. Сепак, експертите веруваат дека бројот на инфекции е веројатно многу поголем од официјалниот број.

Според Клуге, досега се искористени околу 215 милиони дози вакцини во регионот. Се проценува дека 16 проценти од населението примило барем една доза, пишува „CNBC“.

Слични содржини