Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска оцени дека „здравствената и хуманитарната ситуација“ во Газа е „нехумана“ по повеќе од четири месеци војна предизвикана од нападите на Хамас на југот на Израел.
На прес-конференција во Женева, Гебрејесус рече дека луѓето во Газа не можат да добијат храна и вода, а не е достапна ни нега за оние кои не можат да се движат.
Тој смета дека ситуацијата во Појасот продолжува да се влошува и повтори дека „Газа стана зона на смртта“.
„Голем дел од територијата е уништена, повеќе од 29.000 луѓе се мртви, многу повеќе се водат за исчезнати и се претпоставува дека се мртви и многу, многу повеќе се ранети“, истакна тој.
Шефот на СЗО, исто така, рече дека нивото на тешка неухранетост драстично се зголемило од почетокот на војната, од помалку од еден процент на повеќе од 15 проценти на некои места.
„Потребен ни е прекин на огнот сега! Заложниците мора да бидат ослободени, бомбите мора да престанат да паѓаат и пристапот до хуманитарна помош мора да биде слободен. Хуманоста мора да надвладее“, подвлече Гебрејесус.
Според податоците на ОН, огромно мнозинство од населението во Газа е во опасност од глад.
Ситуацијата е особено алармантна на северот, каде владее хаос и насилство, соопшти Програмата за храна на ОН, организација која вчера ја прекина распределбата на помошта на тој дел од територијата.
Хуманитарната помош, која е зависна од одобрение од Израел, влегува во Газа главно преку граничниот премин Рафа од Египет, но трансферот на север е речиси невозможен поради уништувањето и борбите.