Европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) ги предупреди жителите да бидат подготвени за високи температури бидејќи топлотниот бран зафати поголем дел од континентот.
„Без потребната подготовка, топлината може да стане смртоносна“, предупреди Ханс Клуге, директор на СЗО за Европа.
Совети на СЗО
Белгиецот предложи низа мерки кои жителите можат да ги преземат за да ги избегнат најлошите последици од топлотниот бран. Тој советуваше да останете дома и да ги избегнувате најтешките задачи во најжешките делови од денот.
Домовите треба да се ладат, на пример со спуштање на ролетни и користење на воздухот ноќе за проветрување. Исто така, клучно е да го одржувате телото ладно и хидрирано со носење лесна, широка облека, туширање со ладна вода и редовно пиење вода.
„Додека се прилагодуваме на оваа нова нормала, со нејзините разорни ефекти врз здравјето и животните услови, од клучно значење е сите да бидеме вооружени со знаење што помага да се спасат животи“, рече Клуге.
„Прашањето за климатските промени треба да биде приоритет на сите политички опции“
„Покрај тоа што летово ќе се прилагодиме на новата реалност, мора да размислуваме и за децениите што доаѓаат“, предупреди докторот во својата изјава.
Тој повика на итна регионална и глобална акција за запирање на климатската криза, која претставува егзистенцијална закана за човештвото.
Нагласи дека клучно е да се вклучат и помладите генерации кои се особено загрижени за климата и често имаат идеи и предлози. Клуге исто така нагласи дека прашањето за климатските промени треба да биде приоритет за сите политички опции.