Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека била принудена да ја откаже мисијата за испорака на медицински материјали во северниот дел на Појасот Газа, бидејќи нејзината безбедност за време на испораката не била загарантирана.
Во соопштението на платформата Х, СЗО наведе дека од 26 декември веќе четири пати морала да ја откаже планираната мисија.
„Поминаа 12 дена откако последен пат успеавме да стигнеме до северна Газа. Силно бомбардирање, ограничувања на движењето и прекината комуникација го оневозможуваат редовното и безбедното доставување медицински материјали низ Газа, особено на север“, соопшти Канцеларијата на СЗО во окупирани палестински територии.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на платформата Х напиша дека е „шокиран од размерите на уништувањето во северна Газа, но и од обемот на здравствените потреби“.
Тој посочи дека натамошното одложување на испораките ќе доведе до поголема смрт и страдање за голем број луѓе.