СЗО: Ја поддржуваме Северна Македонија во јакнење на примарната здравствена заштита, почнува кампањата „Здравје за сите“

од Nikola Popovski
143 прегледи

На својата 75. годишнина, која се совпаѓа со Светскиот ден на здравјето, Светската здравствена организација (СЗО) ја почнува кампањата „Здравје за сите“. За да се обезбеди здравје за сите, потребни се достапни, висококвалитетни здравствени услуги, силна здравствена работна сила која обезбедува нега фокусирана кон пациентите, како и креатори на политики кои се посветени кон вложување во универзална здравствена покриеност.

-Годишнината на СЗО претставува можност да се осврнеме кон постигнатите успеси од областа на јавното здравје во минатото, но и да се фокусираме на соочување со идните предизвици со наука, решенија и солидарност, истакнува д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО во Северна Македонија и в.д. шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје.

СЗО, како што се наведува во соопштението, ја поддржува Северна Македонија во јакнењето на примарната здравствена заштита, која е темел на јавното здравство. Преку техничка експертиза и поддршка, СЗО ја поддржува државата во надминувањето на идентификуваните предизвици што го попречуваат пристапот на луѓето до услуги за здравствена заштита.

-Нашата цел е сите граѓани во Северна Македонија да имаат пристап до висококвалитетна здравствена заштита, без оглед на местото на живеење или социоекономскиот статус, додава д-р Јохансен.

СЗО работи и со Министерството за здравство во насока на заштита, поддршка и зголемување на здравствената работна сила како стратешки приоритет. Ова вклучува вложување во едукација и развој на вештините на здравствените работници за да се подобри квалитетот на здравствените услуги, како и унапредување на работните можности за здравствените работници.

Препознавајќи ја важната улога на Министерството за здравство во постигнувањето на овие цели, СЗО го поддржува и јакнењето на владеачките и управувачките функции на Министерството. Работата на СЗО во Северна Македонија вклучува и поддршка за здравјето на мајките и децата, намалување на факторите за ризик за незаразни болести со цел превенција и контрола, ментално здравје, имунизација, подготвеност за итни состојби и одговор и голем број други области.

-Ќе продолжиме да го поддржуваме напредокот кон универзална здравствена покриеност, заштитата на граѓаните при на јавно-здравствени кризи, унапредување на здравјето и добросостојбата на сите граѓани, како и јакнење на капацитетот на Министерството за здравство за развој и спроведување на политики засновани на докази со кои се подобруваат здравствените резултати, вели д-р Јохансен.

Слични содржини