Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека северниот дел на Газа останал без ниту една функционална болница поради недостиг на гориво, персонал и медицински материјали.
Само девет од 36 здравствени установи се делумно функционални во цела Газа, соопшти СЗО, пренесе „Ројтерс“.
Сите овие објекти се концентрирани на југот на енклавата.
„Всушност нема повеќе функционални болници на северот (на Газа)“, изјави Ричард Пеперкорн, претставник на СЗО во Газа, за новинарите преку видео врска од Ерусалим.
Тој изјави дека болницата „Ал-Ахли“ е последната болница, која е минимално функционална – се уште лекува пациенти, но не прима нови.
Околу 10 вработени, лекари-приправници и медицински сестри, продолжуваат да пружаат прва помош, нега и лекување на рани со оскудни ресурси, рече Пеперкорн.
„До пред два дена таа беше единствената болница во која можеа да се оперираат повредените во северниот дел на Газа и беше преполна со пациенти на кои им беше потребна итна помош“, рече тој.
Според него, нема повеќе операциони сали поради недостиг на гориво, струја, медицински материјали и здравствени работници, меѓу кои и хирурзи и други специјалисти.
Некои пациенти во „Ал-Ахли“ чекале со недели за операции или, доколку биле оперирани, се соочиле со ризик од постоперативна инфекција поради недостаток на антибиотици и други лекови.
„Сите овие пациенти не се во можност да се движат и треба итно да бидат транспортирани за да имаат шанса да преживеат“, рече Пеперкорн, повторувајќи го повикот на СЗО за хуманитарен прекин на огнот.