СЗО: „Најитното барање за жителите на Газа е итен прекин на огнот“

од Vladimir Zorba
216 прегледи

Генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска ја поздрави резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) за Појасот Газа, наведувајќи дека таа ја нагласува потребата од итни паузи и хуманитарни коридори за да се обезбеди безбедна достава на храна и здравствени залихи на сите на кои им се потребни.

Покрај тоа, резолуцијата бара итно и безусловно ослободување на сите заложници, заедно со решавање на нивните медицински проблеми, сподели Гебрејесус на мрежата Х.

„Ова покажува редок знак на согласност меѓу членките на Советот за безбедност за време на овој конфликт, што е позитивен чекор напред. Сепак, најитното барање за жителите на Газа е итен прекин на огнот“, рече шефот на СЗО.

Тој посочи дека не можат да се игнорираат разорните последици од претходните конфликти во Појасот Газа, вклучително и смртта на повеќе од 20.000 луѓе, главно жени и деца и повеќе од 53.000 ранети.

Во петокот, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои изменет, ослабен текст на резолуцијата за Појасот Газа, која бараше итно забрзување на испораката на помош за цивилите во палестинската енклава, но која го испушти повикот за „ итен прекин на непријателствата“ меѓу Израел и Хамас.

При гласањето за оваа резолуција, 13 членки беа за, додека САД и Русија беа воздржани, објави претходно АП. Намалената резолуција повикува на „итни чекори за веднаш да се обезбеди безбеден и непречен хуманитарен пристап, како и да се создадат услови за одржлив прекин на непријателствата“.

Според извештајот објавен во четвртокот од 23 хуманитарни агенции на ОН, сите 2,2 милиони жители на Појасот Газа се соочуваат со глад, 576.000 луѓе се сериозно загрозени, додека 90 отсто од Палестинците во енклавата редовно остануваат без еден дневен оброк.

Слични содржини