Светската здравствена организација (СЗО) ги повика сите да не ги гаснат надежите на вакцината со олеснување на напорите за борба против епидемијата, додека коронавирусот продолжува да мачи многу земји.
Ова предупредување доаѓа во време кога програмата Ковакс, воспоставена за поправедна дистрибуција на вакцини, оваа недела конечно овозможи почеток на кампања за вакцинација во земјите кои претходно ја немале.
Испратени се дваесет милиони дози во дваесет земји, пренесува Хина. Следната недела, списокот ќе биде проширен на уште 31 земја, што ќе донесе 14,4 милиони дози.
„Ова е напредок што инспирира надеж, но бројот на дози дистрибуирани преку Ковакс е сè уште мал“, рече генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејезус.
Мајкл Рајан, директорот на програмата за итни операции на СЗО, предупреди дека сè уште не е време за опуштање.
„Навистина сум загрижен затоа што некои луѓе сметаат дека најлошото помина. Тоа не е точно “, рече тој на прес-конференција во Женева.
„Ако не бидеме внимателни, можни се трет и четврти бран“, предупреди тој.