СЗО: Општите забрани за патувања нема да го спречат ширењето на омикрон

од Nikola Popovski

Општите забрани за патување нема да го спречат ширењето на новиот сој на коронавирус омикрон, предупреди Светската здравствена организација и препорача на лицата постари од 60 години да ги одложат патувањата.

СЗО изјави дека до 28 ноември, 56 земји воведоа ограничувања за патување за да го одложат доаѓањето на новиот сој на вирусот. Но, таа предупреди дека тоа нема да го спречи неговото ширење во светот, а мерките ќе имаат тешки последици врз животот на луѓето и нивните средства за егзистенција.

Дополнително, мерките би можеле да имаат негативен ефект врз светското здравје за време на пандемија со обесхрабрување на земјите од известување и споделување на епидемиолошките податоци до кои ќе дојдат.

Во своите препораки до населението, СЗО ги повика луѓето „кои не се во добра здравствена состојба или се изложени на ризик од сериозна форма на болеста или смртен исход, или лицата постари од 60 години и оние со коморбидитети како што се срцеви заболувања, рак и дијабетес, да ги одложат своите патувања“.

Агенцијата на ОН ги повикува сите патници да бидат внимателни, да се вакцинираат и да ги почитуваат прописите за јавно здравје, без разлика дали се вакцинирани или не, односно да носат заштитни маски, да почитуваат физичка дистанца и да избегнуваат преполни и слабо проветрени места.

Во неделата регионалната канцеларија на СЗО во Африка апелираше границите да останат отворени, а претходно Јужна Африка побара итно укинување на ограничувањата за патување насочени кон таа земја, откако беше пријавен новиот вид на омикрон.

Во својот технички документ денес, СЗО ги повика земјите да преземат пристап заснован на ризик при усвојување мерки, како што се тестирање на патници и карантин.

„Сите мерки треба да бидат пропорционални на ризикот, временски ограничени и треба да се спроведуваат со почитување на достоинството на патниците, човековите права и основните слободи“, соопшти СЗО.

Слични содржини