Шефот на одделот за пандемија при Светската здравствена организација (СЗО), Силви Брајан, вели дека „невообичаеното“ ширење на вирусот мајмунска сипаница може лесно да се спречи со правилни мерки.
СЗО предупредува дека 200 случаи на мајмунски сипаници се регистрирани во последните недели во светот, надвор од земјите каде што често циркулира вирусот, а тоа би можело да биде само почеток, пренесе лондонскиот дневен весник „Гардијан“.
– Не знаеме дали го гледаме само врвот на ледениот брег, т.е. има ли уште многу случаи кои не се откриени – рече Брајан на брифингот во петокот.
Откако Велика Британија првпат го откри случајот со мајмунска сипаница на 7 мај, речиси 200 заразени лица се пријавени во СЗО од земји далеку од земјите каде што вирусот е ендемичен, а Европскиот центар за превенција и контрола на болести процени 219 такви случаи.
Случаи на инфекција со вирусот на мајмунска сипаница ненадејно се откриени во повеќе од 20 земји ширум светот, вклучувајќи ги САД, Австралија, Обединетите Арапски Емирати и речиси десетина други земји од ЕУ.
Шпанското Министерство за здравство вчера соопшти дека досега се потврдени 98 случаи, додека во Обединетото Кралство во моментов има 90 потврдени инфекции.
Португалија, пак, регистрирала 74 случаи, соопштија вчера здравствените власти на земјата, додавајќи дека сите инфекции се откриени кај мажи, главно на возраст под 40 години.
Аргентина вчера ги потврди првите два случаи на мајмунски сипаници во Латинска Америка.
– Се уште сме на самиот почеток на овој настан, знаеме дека ќе имаме повеќе случаи во наредните денови – им порача Брајан на претставниците на земјите членки кои присуствуваат на собранието на СЗО во Женева, нагласувајќи дека нема простор за паника.