Светската здравствена организација (СЗО) денес ги повика богатите земји да ги преиспитаат плановите за вакцинирање деца против коронавирусот и наместо тоа да донираат вакцини за посиромашните земји преку програмата „Ковакс“.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на денешниот брифинг изјави дека втората година од пандемијата ќе биде поубиствена од првата и дека ситуацијата во Индија буди посебна загриженост, пренесува Ројтерс.
„Ги разбирам причините зошто некои земји сакаат да вакцинираат деца и адолесценти, но ги повикувам да ја преиспитаат таа одлука во овој момент и да донираат вакцини на „Ковакс“, рече Тедрос.
Претходно денес, индискиот премиер Нарендра Моди предупреди на брзото ширење на вирусот низ целата земја, во време кога бројот на заразени надмина 24 милиони од почетокот на пандемијата, а бројот на починати трет ден во еден ред беше поголем од 4.000.
Досега се потврдени скоро 162 милиони случаи на коронавирус ширум светот, а повеќе од 3 милиони луѓе починале.