Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејезус, се залoжи за заедничка борба против коронавирусот, нагласувајќи дека само солидарноста и соработката можат да го победат КОВИД-19 и дека никој не смее да биде заборавен.
Тој на специјалното издание на Конференцијата за безбедност во Минхен посочи дека ако не се вакцинираат сите граѓани, никој нема да биде безбеден од вирусот, пренесува Al Jazeera Balkans.
„За жал, во последната година сите научивме неколку болни лекции и видовме колку е опасен вирусот“, рече Гебрејезус.
Како што наведе, иако станува збор за глобална криза, не сите земји одговорија на ист начин, ниту беа погодени на ист начин.
Гебрејезус рече дека многу земји успеале да го спречат или контролираат пренесувањето на вирусот благодарение на мерките и дека, во комбинација со тоа, вакцините сега даваат реална можност да ја стават пандемијата под контрола.
Тој особено ја истакна важноста на фер дистрибуција на вакцините, кои сега се ограничен ресурс.